Нејзината тага падна од балкон и се распарчи, па ѝ требаше нова тага. Кога отидов со неа на пазар цените беа нереални, па ја посоветував да купи половна тага. Најдовме една таква во одлична состојба, иако беше малку голема. Како што ни кажа продавачот, му припаѓала на млад поет кој се самоубил претходното лето. Ѝ се допадна таа тага, па одлучивме да ја земеме. Се ценкавме со продавачот за цената и ни рече дека ќе ни даде неспокој од шеесетите за без пари ако ја купиме тагата. Се договоривме и бев задоволен со овој неочекуван неспокој. Таа го забележа тоа и рече „Еве, за тебе е". Го зедов и го ставив в торба и си заминавме. Вечерта се сетив на него, го извадив од торбата и го разгледав внимателно. Беше многу квалитетен и одлично зачуван иако бил користен половина век. Продавачот сигурно не ни бил свесен за неговата вредност, инаку не би ни го дал гратис само за да купиме не баш квалитетна тага на млад поет. Она што најмногу ме усреќи беше тоа што се работеше за егзистенцијалистички неспокој, педантно изработен и украсен со детали на извонредна префинетост и убавина. Сигурно му припаѓал на некој интелектуалец со енциклопедиско знаење или на некој поранешен затвореник. Почнав да го користам и несоницата ми стана постојан придружник. Станав ревносен поддржувач на преговори за мир и престанав да ги посетувам роднините. Имаше сèповеќе мемоари на моите полици, а јас сè помалку го кажував своето мислење, освен во ретки прилики. Човечките суштества ми станаа поскапоцени од нациите и почнав да чувствувам општа безволност, но тоа што го забележав најмногу беше дека сум станал поет.
This poem has not been translated into any other language yet.
I would like to translate this poem