На север, блиску до божјиот ограден ѕид, уживајќи во развиената култура, магијата на технологијата, последните достигнувања на човечката цивилизација и под влијание на дрогата која пружа безбедност, здравствено осигурување и слобода на говор, лежам под летното сонце небаре сум белец и размислувам за југот додека смислувам изговори за да го оправдам моето отсуство. Иселеници, патувачи, бегалци поминуваат покрај мене, вистински жители, лажни жители, неплаќачи на данок, алкохоличари, новостекнати богаташи и расисти, сите тие поминуваат пред мене додека седам на север и размислувам за југот и составувам лажливи приказни за да го заташкам моето отсуство и да објаснам зошто не можам да присуствувам.
Да, не можам да присуствувам, оти патот меѓу мојата песна и Дамаск е отсечен од постмодерни причини: меѓу кои и фактот дека моите пријатели сè побрзо се вознесуваат до Господ, побрзо дури и од процесорот на мојот компјутер, додека другите причини се однесуваат на една жена овде на север поради која го заборавив вкусот на мајчиното млеко, а некои се поврзани со рибите во аквариумот, кои ќе нема кој да ги нахрани за време на моето отсуство.
Не можам да присуствувам, оти далечината помеѓу мојата стварност и моето сеќавање потврдува дека Ајнштајн бил во право и дека енергијата што ја произведува мојот копнеж е еднаква на масата помножена со брзината на светлината на квадрат.
Не можам да присуствувам но умеам да сум отсутен, да, одлично умеам да сум отсутен. Последно време станав експерт и си зедов дневник во кој забележувам колку пати сум бил отсутен и имам спомени кои сѐ уште не се случиле.
Умеам да сум отсутен небаре никогаш не сум постоел, небаре сум ништо, небаре никогаш воздух не ми влегол во белите дробови, небаре никогаш не сум имал непријатели претходно, небаре сум концентрирано изгубено памтење, кома пренесена како заразна болест.
Не можам да присуствувам оти моментално сум зафатен со студената војна, секој ден се борам со изолација, со неселективното бомбардирање од темнината, со систематска депресија, со нападите на осаменост кои нишанат кон кујната, сигурносните пунктови поставени помеѓу мене и летото, бирократијата предизвикана при одвојувањето на законодавната и извршната власт, рутинските процедури на управата за јавни приходи. Долго, долго ми зборувавте за војната, сега оставете ме јас да ви кажам нешто за мирот кој го уживам овде на север. Оставете ме да ви кажам за градацијата на бојата на кожа, што значи кога луѓето не знаат да ти го изговорат името, за црната коса, за демократијата која секогаш е на страната на богатите, здравственото осигурување кое не ги покрива забите оти тие не се дел од твоето тело. Оставете ме да ви кажам за блуткавиот зеленчук, цвеќињата без мирис, расизмот прикриен со насмевка. Оставете ме да ви кажам за брзата храна, брзите возови, брзите врски, бавните ритми, бавниот јад, бавната смрт.
Ќе ми поверувате ли ако ви речам дека чевлите ми се уморни, дека во мене има волк кој не може да се скроти штом намириса крв? Ќе ми поверувате ли ако на моето тело ги видите белезите од куршумите што ги погодиле моите пријатели таму, додека јас ваму седам пред копмјутер? Верувате ли во случајности? Моето отсуство е највнимателно испланирана случајност, добро промислен случаен чин. Случајно открив дека не е случајност што се случуваат случајности, и всушност случајност е кога не се случуваат. Поентата ми е, ќе ми поверувате ли ако ви се заколнам во музиката? Се колнам во музиката дека дозволата за престој во Европа ни помага да не нѐ застрелаат но голема е веројатноста дека самите ќе се убиеме.
Добро, ќе ви ја кажам вистината. Ќе ви кажам зошто не можам да присуствувам. Сѐ се случи една летна вечер кога запознав една тажна жена додека си одев накај дома. Во едната рака држеше шума, а во торбата шише вино. Ја бакнав и таа остана бремена во единаесетти месец...
Не ме спречува тоа да присуствувам. Ќе ви ја кажам вистината. Дамаск ме фати в кревет со друга жена. Се обидов да ја поправам работата, да речам дека тоа што се случи беше во афект, ништо повеќе и дека нема да се повтори. Се заколнав во сѐ, во месечината, огнометите, женските прсти, ама тоа беше крај, па избегав на север.
Не ме спречува тоа да присуствувам. Ќе ви ја кажам вистината. Кога бев дете не знаев ништо за пазарната економија. Сега, откако станав граѓанин на првосветска држава, не знам ништо за пазарната економија.
Не ме спречува тоа да присуствувам. Ќе ви ја кажам вистината. Кога планирав да дојдам, мојот куфер се судри со известување од ударни вести и мојот јазик се направи парампарче, еден минувач ги зграпчи делчињата и јас веќе немав јазик...
Не ме спречува тоа да присуствувам. Ќе ви ја кажам вистината, јас сум мртов, да, умрев пред неколку години.
Не ме спречува тоа да присуствувам. Ќе ви ја кажам вистината...
Translated from English by: Nikola Gjelincheski (Никола Ѓелинчески)
This poem has not been translated into any other language yet.
I would like to translate this poem