ГЛАВНИОТ ГРАД Poem by Ghayath Almadhoun

ГЛАВНИОТ ГРАД

- Кој е главниот град на Демократска Република Конго?

- Антверпен



Во овој град кој се храни со дијаманти

бодликава жица расте во стиховите на поетите

закажаните средби умираат на календарот

рацеве престануваат да ти ги допираат усните

полицајците веќе не се смеат

едно такси застанува кога возачот го убива куршум од снајперист во Дамаск

пред централната железничка станица во Антверпен

ужасите престануваат на Плејстејшн

јас си се фаќам под рака и престанувам да застанувам

размислувам за далечината помеѓу моиве усни и твојата кожа

божем јас не сум се родил во 1979 во Јармук, кампот за палестински бегалци во Дамаск

божем ти не си се родила во Млечниот Пат



Во овој град каде што дијамантите ги исчистуваат од крв исто толку внимателно како

докторите коишто ја исчистуваат од крв раната на повреден човек чиј живот го спасиле

поминувам нежно небаре тенк на асфалт

додека ги носам своите стихови ко уличен продавач

кога и да тргнам накај морето ме проголтува пустината што излегува од куферите на

емигрантите

и од мојот пасош кој никој не го препознава освен ти

јас сум писателот на песни кои зборуваат за смртта небаре зборуваат за надежта

и за војната небаре Господ постои

откако умреа моите пријатели станав волк самотник

ја приклештувам среќата и ја смачкувам под нозе како да е штеточинка

моите пријатели кои ги измачуваа до смрт седат до мене најелегантно облечени небаре се на некаков прием

а мајка ми ме бара по телефонски линии

за да се осигура дека сè уште мочам на планетава.



Си ја исчистив собата до најмал траг смрт

за да не сетиш кога ќе те поканам на чаша вино

дека и покрај тоа што сум во Стокхолм

сè уште сум во Дамаск



Во овој град кој се храни со крвави дијаманти

се сеќавам на една крвава свадба

се сеќавам на заборав

стојам на средината од црно црна групна фотографија на поети

кои си заминале одовде

белешките што си ги оставила на маргините од моите песни ме растажуваат

срцето ми станува дрвено страшило за да ги растера птиците на Хичкок

моето невино срце кое не може да издржи

станува жестоко ко искрени зборови

а улицата станува тетратка

ти си единствената која може да ја смени улицата во тетратка

невино ме фаќаш за раце за да ѝ ја отсечеме главата на годината

и тогаш Светската банка пропаѓа

средната класа им се спротивставува на емигрантите

човек од обезбедување вооружан со историја стои за да ја обележи бариерата помеѓу предградијата и среќата

бојата на кожа стои како безбедносен пункт помеѓу нас

помеѓу пристаништето кое увезува слобода

и улицата што се протега од гробиштата до спалната соба

војната не ме умори

или подобро песните кои зборуваат за војната

студените градови не ме уморија

но овие песни кои зборуваат за студените градови ми ги изедоа прстите

и не можам да танцувам без прсти

и не можам да се ориентирам кон Ориентот без нив

срцев удар го убива ѕидниот часовник

а моите пријатели лажно сведочат и велат дека животот е прекрасен

градот се урива врз себе како црна дупка

мислам на зелена дупка

а улицата трча преплашена

ова е првпат да видам улица да трча по улица

ова е последен пат да видам куќа што се крепи врз смеата од тажна жена оставена в кујна

за да се додржи исправена

и врз мирисот од зачините раштркани по полиците за да остане жива

соседите избегале без да ги затворат прозорците отворени за масакрот

без да ја затворат книгата за готвење отворена на страница 73

птиците од блиското дрво се преселија во куќата

живееја во подотворениот креденец во кујната

минофрлач 120мм произведен во Советскиот Сојуз во 1987 година

за да се бори против империјализмот

би ги убил

канаринецот прегладне и умре во кафезот

тоа е војната

канаринци умираат од прегладнетост во кафезите кога ќе исчезнат нивните стражари

стражарите кои го напуштиле домот и никогаш не се вратиле

домот кој се срушил врз песните на поети чија држава ги предала

од државата плачеле а сега плачат по својата држава

видете ги како им раскажуваат на странците колку им е жал

со песните тепаат време

со рацете бијат камбани

но никој нема време да го чуе ехото освен неколкумина од тие што умреле во војната

а шанкерката започнува да ми расправа за тоа како Сиријците имале право да умрат како што треба

со телото цело

нераспарчено

и за осаменоста

за тоа како луѓето имаат право да си најдат некого да спие до нив навечер

и да ги остави да поспијат кога ќе замине на работа наутро

без да ги расони

добро

ајде да ја тргнеме од грб вреќава полна со камења

и нежно да се развикаме преку тастатурата

ние долупотпишаните на асфалтот

изјавуваме дека сме уморни

и дека без разлика на нашите различни потекла

си патиме од исто лајно

и јас како и вие живеам во стан со три прозорци

два гледаат кон Антверпен

но третиот е компјутерски екран кој гледа кон Дамаск

- сте го посетиле ли Дамаск?

- не

- ок ќе пробам да ви го опишам: налето температурата е 37 степени

тој е градот кај што летната температура се совпаѓа со човечката телесна температура

- сте го посетиле ли Антверпен?

- не

- ок ќе пробам да ви го опишам: крвав дијамант е што светка на белото светло во излозите

неговиот сјај го одразува црнецот што го нашол во Киншаса па него го нашле убиен

од куршум од пиштолот на другар му

за некоја жена од Монтреал да носи прстен со камен исполиран во Тел Авив

кој ѝ го дал нејзинот сопруг роден во Буенос Аирес

додека биле на патување во пустината во Аризона

за таа да му прости што ја изневерувал со нејзината пријателка од Јужна Африка

додека перел пари во Дубаи

- знаете ли која е разликата и сличноста помеѓу пустината и перењето пари?

- не

- разликата е што на пустината ѝ треба вода, а на перењето пари не

- а сличноста?

- сличноста е што перењето пари е суво, суво како и пустината во Аризона



ок, не може да се одрече дека лебдам во тебе како пеперутка во магма

и те хранам со моите зборови за полека да пораснеш како зоната на уништување која се роди

кога твојата тага се судри со мојот живот

твоето присуство во мојот живот имаше негативно влијание врз постмодерната поезија во северната половина на земјината топка

и морам да ти признаам дека животот на полици на моите песни заврши со ненадејното појавување на твоите метафори во нив

и дека ти имаше удел во продупчувањето на садот во кој го складираат арапскиот јазик

преку твоите систематски кампањи да се додадат забелешки на маргините од моите текстови

и дека со предумисла и внимателно набљудување се нафати да ме оживееш

и дека тоа е казнив прекршок според поетскиот устав

и дека твоите детали што се расфрлани кај мене дома дразнат желба во мене да го фрлам телевизорот низ прозорец

и наместо тоа да те гледам тебе додека тепаш време

признавам и дека многу сомнителни работи се случуваат откако го помирисав

мирисот на твоите гради

на пример:

скршив неколку чаши за вино во периодот откако ти се пресели кај мене

повеќето од нив се самоубија кога ми скокнаа од раце додека ги миев трагите од

твојот кармин

украдов малку време за денот да ми трае 25 часа

усвоив лажен израз на лицето за да изгледам среќен

те љубев

откако те запознав во интервју за еден весник реков дека во животот сум излажал два пати

а тоа беше трет пат да излажам

и покрај тоа што цел живот ми е среќна трагедија

ти одби да го испукаш куршумот и да ми ги скратиш маките кога те замолив

и ми дари нов живот



ме обвинуваш за недостаток на непристрасност во моите песни, добро, никогаш во живот не сум бил непристрасен

отсекогаш сум бил пристрасен и имам двојни аршини

пристрасен сум кон црнците против расизмот, за отпорот против окупаторите, за партизаните против армиите. Сум застанал на страната на црвените Индијанци против белците, Евреите против нацистите, Палестинците против Израелците, имигрантите против неонацистите, Циганите против границите, староседелците против колонијалистите, науката против религијата, сегашноста против минатото, феминизмот против патријархатот, жените против мажите, твојата страна против другите жени, страната на Кафка против рутината, страната на поезијата против физиката,

физиката

да ѝ се плукнам на физиката

зошто да се дават имигрантите па откако ќе вдишат за последен пат да лебдат на површината на водата?

зошто да не се случи спротивното?

зошто да не лебдат луѓето додека се живи а да се удават кога ќе се мртви?



добро

ајде да ги викаме работите на име

книгите се гробиштата на песните

куќите се бетонски шатори

кучињата се волци што прифатиле понижување

молитвените килимчиња ме потсетуваат на летечки килими

мојата соба се заљуби во твоите зелени чевли

се давам во тебе ко што Сиријците се дават во морето

Боже Господе

види до каде нѐ дотерала војната

ни насоне не ми текнало

дека еден ден

во песна ќе речам

се давам во тебе ко што Сиријците се дават во морето



***

секоја граната што паѓа врз Дамаск е само страница откината од книгата на Декарт



кога се родивме

животот беше во боја

а сликите беа црно-бели

сега сликите се во боја

а животот е црно-бел

COMMENTS OF THE POEM
READ THIS POEM IN OTHER LANGUAGES
Close
Error Success