ДЕТАЛИТЕ Poem by Ghayath Almadhoun

ДЕТАЛИТЕ

Знаете ли зошто умираат луѓето кога ќе ги прострела куршум?

Оти 70% од човечкото тело е составено од вода

Исто како да си направил дупка во цистерна



Беше ли тоа случајна пресметка заиграна на почетокот од уличката кога поминував

Или снајперист кој ме гледал и ми ги броел последните чекори?



Беше ли тоа залутан куршум

Или јас бев залутан иако сум стар третина век?



Да не е пријателски оган?

Од каде па тоа

Кога во живот не сум се спријателил со огнот?



Мислите дека јас му го попречив патот на куршумот

Или тој мојот?

Па од каде да знам кога поминува и кој пат ќе го фати?



Дали се смета средбата со куршум за судир во вообичаената смисла

Како што се случува помеѓу две коли?

Дали моето тело и цврсти коски ќе ги здробат и неговите ребра

И ќе го умрат?

Или ќе преживее?



Се обидле ли да ме избегне?

Ми беше ли телото меко?

И дребулијава ситна ко црница се почувствува ли женски во мојата машкост?



Снајперистот нишанел во мене без да му е гајле дали сум алергичен

на снајперски куршуми

А мојава е една од најсериозните алергии, па дури и смртоносна.



Снајперистот не ме ни праша за дозвола пред да пука, очигледен пример за некултурата која деновиве е сè почеста.





Ја истражував разликата помеѓу револуција и војна кога куршум ми го пробуши телото и го изгаси факелот запален од еден наставник од основно во Сирија кој дејствуваше во соработка со палестински бегалец кој беше платил со својата земја за да го реши антисемитизмот во Европа и беше присилен да се досели на местото каде што запозна жена која беше како спомени.



Беше неверојатно чувство, како да јадеш сладолед во зима, или како незаштитен секс со жена која не ја знаеш во град што не го знаеш под влијание на кокаин, или...



Еден минувач ми кажува половина од тоа што сака јас да му го кажам и јас му верувам па се прободуваме еден со друг како двајца љубовници, една жена ме повикува да ја следам па тргнувам по неа и имаме дете кое личи на предавство, еден снајперист ме убива па јас умирам, небото паѓа врз минувачот па туристите бегаат, небото паѓа врз минувачот а моето срце не бега, срцето паѓа нагоре па еден поет колективно се самоубива во својата соба иако вечерта беше сам.



Таа вечер заборавот ме фати на препад, па си го купив сеќавањето на војник кој се немаше вратено од војна, а кога ја забележав мааната во времето, не можев да најдам место за прогон соодветен на мојата рана па решив да не умрам повторно.



Градот е постар од сеќавањата, проклетството е омеѓено од меланхолијата, времето доцни за закажаните средби, ѕидовите го заградуваат времето со монотонија, смртта личи на моето лице, поетот се потпира на една жена во неговата песна, генералот се жени со мојата сопруга, градот ја блуе својата историја и јас ги голтам улиците, а толпата ме голта мене, јас, кој ја раздавам својата крв на странци и делам шише вино со својата осаменост, те молам, испрати го моето тело по брза пошта, раздај им ги моите прсти на моите пријатели еднакво.



Градот е поголем од срцето на поетот, а помал од неговата песна, но не е доволно голем за мртвите да се самоубијат без да им сметаат на другите, за семафорите да расцветаат во предградијата, за полицаецот да стане дел од решението а улиците само позадина на вистината.



Таа вечер, кога срцето ми се сопна, една жена од Дамаск ме придржа и ме научи на азбуката на нејзиниот копнеж, а јас без изгубен меѓу Господ што шеикот го засадил во моето срце и Господ што го допрев во нејзиниот кревет,

таа вечер,

мајка ми беше единствената што знаеше дека нема да се вратам,

мајка ми беше единствената што знаеше,

мајка ми беше единствената,

мајка ми.



Си ги продадов белите денови на црниот пазар и купив куќа што гледаше кон војната, а погледот беше толку прекрасен што не можев да одолеам на нејзиното искушение, па мојата песна скршна од учењата на шеикот, пријателите ме обвинија дека сум се отуѓил, ставив кохл на очи и станав поарап, и насоне испив млеко од камила и се разбудив поет, ја гледав војната како што лепрозните гледаат нечии очи, и стигнав до застрашувачки вистини за поезијата и белците, за сезоната на миграција во Европа, за градовите кои примаат туристи за време на мир а муџахедини за време на војна, за жените кои премногу страдаат за време на мир, а стануваат гориво за војната за време на војна.



Во возобновен град како Берлин лежи тајна што секој ја знае, а тоа е дека...

Не, нема да го повторам тоа што е добро познато, но ќе ти кажам нешто што не знаеш: проблемот со војната не се тие што умираат, ами тие што остануваат живи по војната.



Беше најубавата војна во која сум бил во животот, полна со метафори и поетски слики, се сеќавам дека потев адреналин и мочав црн чад, дека јадев од моето тело и пиев писоци, смртта со мршавото тело се накрепи врз уништувањето предизвикано од нејзината песна, си го избриша ножот од мојата сол, а градот ми ги изриба чевлите со неговата вечер и улицата се насмевна и градот на прсти ми ја изброи тагата и ги фрли во реката што водеше до неа, смртта плаче, а градот се сеќава на карактеристиките на неговиот убиец и ми испраќа убод по пошта, ми се заканува со среќа, ми го спростира срцето надвор на жицата за сушење алишта оптегната помеѓу два спомена, а заборавот ме влече кон мене, длабоко кон мене, длабоко, па мојот јазик паѓа врз утрото, балкони паѓаат врз песни, шамии врз бакнежи, споредни улички врз женски тела, деталите од сокачињата врз историјата, градот паѓа врз гробиштата, соништа паѓаат врз затворите, сиромавите врз радоста, а јас паѓам врз споменот.



Кога се зачленив во Унијата на мртвите, соништата ми се подобрија и почнав да вежбам да се проѕевам слободно, и покрај воените тапани што тропаат близу моето подуено тело имав доволно време да се спријателам со едно куче скитник, кое реши да не јаде од мојот леш и покрај гладот, и среќно заспа до моите нозе.



Неколкумина пробаа да ме тргнат од патот, но снајперистот се скара со својата пушка и се премислија, тој беше чесен снајперист, работеше чесно и не арчеше ни време ни луѓе.



Тоа дупче,

Што остана кај што прострела куршумот,

Ме испразни од содржината,

Сè нежно се излеа,

Спомени,

Имиња на пријатели,

Витамин Ц,

Свадбарски песни,

Арапскиот речник,

Температурата од 37 степени,

Мочна киселина,

Песните на Абу Нувас,

И мојата крв.



Во мигот кога душата почнува да бега низ вратничето што го отворило куршумот, нештата стануваат појасни, теоријата за релативност се претвора во нешто очигледно, математичките равенки кои биле нејасни се упростуваат, имињата на соучениците кои сме ги заборавиле ни текнуваат, одненадеж животот е осветлен до совршен детаљ, детската соба, мајчиното млеко, првиот трепетлив оргазам, улиците во кампот, портретот на Јасер Арафат, мирисот на кафето со кардамон дома, звукот на утринскиот повик за молитва, Марадона во Мексико во 1986, и ти.



Исто како да ги јадеш прстите од љубениот, или да цицаш од електричен кабел, или да примаш вакцина против шрапнели, исто како да си крадец на спомени, дојди, ајде да се откажеме од поезијата, да ги размениме летните песни за завои, а жетварските песни за хируршки конец, остави ја кујната и детската соба и дојди со мене да се напиеме чај зад вреќите со песок, масакрот има место за сите, стави си ги соништата во шпајзот и навади ги билките на балконот со повеќе вода, зашто расправијата со железото може ќе потрае, остави ги Руми, Авероес и Хегел, а понеси ги Макијавели и Хантингтон и Фукујама, зашто сега ни се потребни, остави ги смеата, сината кошула и топлиот кревет и понеси ги забите и ноктите и ловџискиот нож, и дојди.



Отфрли ја Ренесансата и донеси ја инквизицијата,

Отфрли ја европската цивилизација и донеси ја Кристалната ноќ,

Отфрли го социјализмот и донеси го Јосиф Сталин,

Отфрли ги песните на Рембо и донеси ја трговијата со робови,

Отфрли го Мишел Фуко и донеси ја сидата,

Отфрли ја филозофијата на Хајдегер и донеси ја чистотата на ариевската раса,

Отфрли го Хемингвеј и сонцето што изгрева и донеси го куршумот в глава,

Отфрли го ѕвезденото небо од Ван Гог и донеси го отсеченото уво,

Отфрли ја Герника од Пикасо и донеси ја вистинската Герника сосе мирисот на свежа крв,

Сиве овие работи ни се потребни сега, потребни ни се за да ја започнеме прославата.

Translated from English by: Nikola Gjelincheski (Никола Ѓелинчески)

COMMENTS OF THE POEM
READ THIS POEM IN OTHER LANGUAGES
Close
Error Success