На прошетка ќе одиш со автомобил,
од дрвјата ќе го љубиш
она што ќе остане во ретровизорот.
Здогледаш ли крава, ќе кажеш: Погледни, крава!
И дамките на нејзината кожа
ќе станат поарчена нафта.
Ќе изѕемнеш на утринското сонце,
ќе се стоплиш крај првата табла
и сообраќајниот знак.
Среде процутеното поле
ќе размислуваш час за литературата,
час за километрите што те делат
од најблиската аптека:
главата пука од болка
заедно со јасниот видик
на четирите страни на небото.
Здогледаш ли еж, ќе кажеш: Погледни, еж!
И неговите боцки
ќе станат мали минофрлачи.
Ќе побелееш на пресилната месечина,
ќе изгориш од вишокот меланхолија
во квечерината што предолго трае.
Крај склопчениот ракав на реката
ќе посакуваш телефонски говорници,
во густежот со зеленики барем еден
изѕемнет човечки глас.
Твојата неугодност ќе расте со наездата на воздухот.
Твојот страв, со вишокот синило.
Твојот приватен пекол ќе се разбранува
со секој нов судир
на светлоста и зеницата.
Ја здогледаш ли својата сенка
на пуста ледина, ќе речеш: Погледни, сенка!
И твојата сенка ќе стане мов
која ни ваму ни онаму
нема околу што да обрасне.
This poem has not been translated into any other language yet.
I would like to translate this poem