Кога се вселивме
бевме наполу в земја
наполу над неа -
подрумски стан со поглед на градина
полна праски и расцутени вишни.
Знаевме оти силната светлина ги уплаши нагниените тела
и ја исуши влагата што можат само в пар да ја споделат.
И лежевме голи во студената соба
и се лизгавме еден врз друг
и разменувавме малечки, негувани смрти
како џемпери во кои молците
одамна вткаиле легла.
Кога се вселивме, ти рече:
„На некои книги треба да им се даде право на олеснување",
и врз полицата во нужникот, вертикално
до подземниот свет,
ги исправи писмата на Џојс до Нора.
„Некои сништа треба да се скротат", реков
и крај перницата како копје
се заринкаа Огледите за распаѓањето.
Кога се вселивме, наполу в земја,
наполу над неа,
како Аријадна ја повлеков папочната врвка
што од раѓање три пати ти беше
обвиткана околу вратот.
А ти мојот половина килограм
што некогаш ме двоеше од инкубаторот
го престори во сила на мојата милна тежа
што и` недостигаше на кутрата земја
да ме прицврсти за себе.
Бевме два напукнати чамци
од коишто некој со години ја вадеше водата
и ја враќаше во морето.
Денес сме две шуплини
во кои растат два чамци
што знаат за сртот,
а сепак ги подигаат веслата во молкот.
Веќе не се поткреваме на прсти
за да го видиме небото:
тоа, веруваме, и бескрај и пустош
од нас позајмува.
Гниењето е, душо, привилегија на зреењето;
над земјата и во земјата,
истата наслада, истата размена.
This poem has not been translated into any other language yet.
I would like to translate this poem